Рекордерска ноќ во НБА! Историски подвизи на Ембид и на Таунс на кои се чекаше 45 години

Лука Дончиќ од Далас на мечот против Бостон (110:119) по 38. пат забележа трипл-дабл со над 30 поени (33, 18 скока и 13 асистенции) и со тоа го престигна Леброн Џејмс на историската листа на НБА лигата на вакви подвизи.

Кевин Дурант постигна 43 поени за Феникс, вклучително и кошот за победа над Чикаго (115:113). Јанис Антетокоумпо од Милвоки забележа трипл-дабал на мечот со Детроит (31 поен, 17 скока и 10 асистенции).

Но, овие одлични изведби останаа во сенка на феноменалните Џоел Ембид и Карл-Ентони Таунс. Актуелниот МВП на лигата и донесе победа на Филаделфија над Сан Антонио (133:123) постигнувајќа 70 поени што е клупски рекорд (24/41 за два поена), 21/23 слободни фрлања, 18 скока и пет асистенции.

Претходно клупскиот рекорд го држеше Вилт Чембрлен со 68 поени од 1967 година, кога името на клубот беше Филаделфија вориорс. Ембид стана деветтиот играч во историјата на НБА кој постигнал 70 или повеќе поени на еден натпревар.

Дејвид Робинсон, Дејвид Томпсон, Елџин Бејлор, Коби Брајант, Донован Мичел, Девин Букер и Демијан Лилард се останатите играчи кои постигнале 70 или повеќе поени на еден натпревар. Чембрлен го држи рекордот со 100 поени за Филаделфија против Њујорк во 1962 година.

Во истовреме, Карл-Ентони Таунс стана рекордер на Минесота. Додуша неговиот тим  загуби од Шарлот (125:128), но никој не зборува за резултатот, туку за подвигот на Таунс. Тој ги постигна половината поени за својот тим (62) и стана најдобар стрелец на Минесота на сите времиња, соборувајќи го сопствениот рекорд за два поена.

Тој стана првиот центар во НБА кој постигнал 60 поени со 10 тројки. Неговата игра беше уникатна и на друг начин. Никој пред Таунс не го завршил мечот со по 10 погодоци за еден, два и три коша. Историскиот трипл-дабл на Таунс е 11/20 за два, 10/15 за три поени и 10/14 слободни фрлања, истакнува НБА лигата.

На официјалната интернет-страница НБА го наведува и следното:

– Запишете го 22 јануари 2024 година, бидејќи тој ден, Ембид и Таунс го направија посебен за лигата, тие го направија она што НБА го нема видено повеќе од 45 години. Последен пат кога двајца играчи постигнале најмалку 60 поени во иста вечер беше на 9 април 1978 година. Тогаш Дејвид Томпсон постигна 73 за Денвер, а Џорџ Гервин 63 за Сан Антонио.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО