„Мондо“ најави нова, побрза атлетска патека за ЛОИ во Париз

Италијанската компанија „ Мондо“ за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз летово направи виолетова атлетска патека на „Стад де Франс“ која би можела да биде најбрзата досега.

Тврдењата се дека патеката обезбедува подобри перформанси од претходната што беше користена на ЛОИ во Токио 2020-та, кога беа поставени три нови светски рекорди, вклучително на 400 метри со пречки, за мажи и за жени.

– Го променивме дизајнот на ќелиите на долниот слој од патеката во споредба со тој што се користеше во Токио, изјави за АФП, Маурицио Стропијана, потпретседател на спортскиот оддел на компанијата.

Мондо се „погрижи“ за атлетската патека на последните осум ЛОИ, од Барселона 1992 година, па до Париз 2024. Мондо кој е долгогодишен партнер на Светската атлетика (СА) почнувајќи од 1987 година, тврди дека патеката е дизајнирана, меѓу другото, да го максимизира враќањето на енергијата, како и да ги апсорбира ударите.

Мондо, исто така, има поставено атлетски патеки на 13. Светски првенства (СП), вклучително и на последното, лани во Будимпешта.

„Стад де Франс“ е со капацитет од над 81.000 гледачи, но таа бројка треба да се намали на 77.083 заа ЛОИ за потребите на патеката. Други промени вклучуваат поставување на поголеми екрани за гледачите и подобрен пристап за лицата со посебни потреби. Атлетските натпревари во Париз 2024 година ќе се одржат од 1 до 11 август.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО