Фудбалската федерација на Македонија во почеток на оваа година, во соработка со УЕФА, го започна процесот на изработка на новата стратегија за развој на македонскиот фудбал.
Во рамки на процесот, беше реализирана работна средба меѓу претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, и претставниците на ФФМ вклучени во подготовката на новата стратегија, со претставниците на УЕФА – Илија Китиќ, Олександр Кучерјави, како и менторите Адам Вокер и Маркус Мекдоналд. Средбата беше посветена на презентација и анализа на актуелната состојба во Федерацијата, со посебен акцент на финансиската стабилност на ФФМ.
Анализата на приходите и расходите покажа дека е неопходно ФФМ да продолжи со строга политика на рационално трошење и штедење, преку дополнително намалување на непродуктивните и нефудбалските трошоци.
Иако во изминатиот период веќе се реализирани значителни кратења во одредени сегменти, за долгорочна финансиска одржливост е потребна уште поголема дисциплина во управувањето со средствата. Препораките се секој трошок што не придонесува директно за развојот на фудбалот да биде предмет на преиспитување и рационализација.
Како основа за новата стратегија, ФФМ го заврши процесот на мапирање на фудбалската инфраструктура и терените низ целата држава.
За првпат стратешките одлуки ќе се носат врз основа на конкретни податоци, преку анализа на мапирањето, демографските показатели и останатите релевантни информации.
Овој пристап ќе овозможи инвестициите и развојните активности да бидат насочени таму каде што навистина постои најголема потреба и потенцијал.
Во процесот на креирање на стратегијата се вклучени сите клучни чинители во македонскиот фудбал, професионалните клубови, претставниците на grassroots фудбалот, тренерите, судиите, официјалните лица, фудбалерите, навивачите и партнерите. Преку нивните ставови, идеи и искуства, ФФМ ќе изгради заедничка визија и јасно дефинирани стратешки цели кон кои сите заедно ќе се движиме во следните пет години.
Во овој процес ФФМ ја има целосната поддршка од УЕФА, која преку својата експертиза и методологија обезбедува пристап што е прилагоден на специфичните потреби и предизвици на македонскиот фудбал. Истовремено, Федерацијата добива пристап до најдобрите европски практики и искуства, што ќе овозможи новата стратегија да биде реална, одржлива и амбициозна, со јасна цел, македонскиот фудбал да направи исчекор кон следното ниво на развој.