Многу врвни играчи ќе бидат само посматрачи на ЕП

Повеќе врвни играчи од разноразни причини нема да бидат дел од Европското првенство (ЕП) во фудбал во Германија. Ќе недостига еден од најдобрите напаѓачи, Норвежанецот Ерлинг Халанд бидејќи неговата земја не се квалификуваше за завршницата.

Статистиката за постигнување голови на Халанд е неверојатна: 90 гола во 98 натпревари во сите натпреварувања за две сезони со Манчестер сити и 30 гола на 32 меча за Норвешка, од дебито во репрезентацијата во 2019 година.

Отсуството на Норвешка значи и дека капитенот на Арсенал, Мартин Одегард нема да настапи во Германија.

Во Германија ќе го нема Тибо Куртоа кој се опорави навреме и бранеше во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) против Борусија Дортмунд, и му помогне на Реал Мадрид да дојде до уште една титула, 15-та.

Но, белгискиот голман во декември објави дека ќе го пропушти ЕП и остана на таа одлука. Главната причина се постојаните тензии со селекторот, Доменико Тедеско.

Франција ќе биде без Карим Бензема кој се пензионираше еден ден откако „триколорите “ го загубија финалето на Светското првенство (СП) 2022 година. Недостигаат уште двајца поранешни стартери на Франција, играчот од средниот ред, Пол Погба, кој е суспендиран, и дефанзивецот Лукас Ернандез, кој неодамна беше опериран.

Напаѓачот на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд ја плати цената за разочарувачката сезона на клупско ниво и затоа не се најде ниту на поширокиот список од 33 играчи на англискиот селектор, Герет Саутгејт.

Џек Грилиш, Хари Мегваер и Џордан Хендерсон, кои играа во финалето на ЕП 2021-та во кое Англија загуби од Италија на пенали , исто така беа изоставени од Саутгејт.

Стигнувањето до финалето на ЛШ не беше доволно за Матс Хумелс (36) да биде во составот на домаќинот, Германија.

Селекторот, Јулијан Нагелсман, рече дека има „1.000 компоненти“ во одлуката да не го вклучи одбранбениот играч во тимот. Нагелсман во Антонио Рудигер од Реал Мадрид и Џонатан Тах од Баер Леверкузен гледа подобра централна дефанзивна двојка.

Фудбалерот од средниот ред на Баерн Минхен, Леон Горецка, исто така беше изоставен, и покрај силниот финиш на сезоната во Бундеслигата.

Во редовите на бранителот на титулата, Италија ќе го нема играчот од средниот ред на Њукасл, Сандро Тонали кој отслужува 10-месечна суспензија поради обложување. Повредени се уште неколку играчи на Италија, Доменико Берарди, Николо Заниоло, Франческо Ачерби и Џорџо Скалвини.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО