УЕФА со почести за легендата Франц Бекенбауер пред почетокот на ЕП

На покојниот германски капитен и селектор, Франц Бекенбауер, ќе му биде оддадена должна почит на церемонијата на отворањето на Европското првенство (ЕП) во петок во Минхен, соопшти УЕФА.

„Кајзер Франц“ Бекенбауер, еден од најголемите фудбалери на сите времиња, беше капитен-победник на Западна Германија на Европското првенство (ЕП) 1972 година и на Светското првенство (СП) 1974 година, пред повторно да триумфира на СП 1990-та како селектор. Тој почина во јануари годинава, на 78-годишна возраст.

На церемонијата на отворањето на ЕП, сопругата на Бекенбауер, Хајди, ќе го носи трофејот, Купот Анри Делонеј, заедно со двајца поранешни капитени на Германија, Бернард Диц (на ЕП 1980-та) и Јирген Клинсман (1996-та). Со тоа се рефлектираат „трите триумфи на Германија на ЕП“, се вели во соопштението на УЕФА.

Местото на церемонијата исто така е дом на Баерн Минхен, клубот во кој Бекенбауер играше повеќе од една деценија, освојувајќи три последователни европски титули, од 1974 до 1976 година, како и пет титуули во Бундеслигата, како играч и тренер.

Свеченото отворање ќе му претходи на воведниот натпревар на турнирот меѓу Германија и Шкотска во групата А.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО