Женската репрезентација на Канада во хокеј на мраз, ја освои титулата светски шампион, откако во драматичното финале во Утика ја совлада селекцијата на домаќинот, САД со 6:5, по продолжение.
Јунак на финалниот меч беше Даниеле Сердачни, која го постигна победничкиот гол по продолжението, во ситуација со играч повеќе на мразот, откако Американките беа казнети со две минути поради премногу играчи на мразот!
За Канада ова е 13-та светска шампионска титула, а бранителот на трофејот, САД остана на 10-та. Досега се одиграни 23 светски првенства за хокеарки, а сите титули ги освоија Канаѓанките и Американките кои 22 пати се сретнаа во финалето!
Единствена репрезентација што освен нив стигнала до финалето е Финска, која го освои среброто на домашен мраз во 2019 година, губејќи од САД.