Јувентус пред пет дена му врачи отказ на Масимилијано Алегри (56), а како прв кандидат за негов наследник на клупата на Јувентус се спомнува Тиаго Мота од Болоња.
Подолго време се шпекулира дека Мота (41) би можел да биде нов тренер на „старата дама“, а тоа сега го потврди влијателниот италијанскиот новинар, Џанлука Ди Марцио. Тој најави дека Мота утре ќе се сретне со претседателот на Болоња за да се договорат околу неговото заминување од клубот.
Ди Марцио наведува дека Мота потоа ќе потпише тригодишен договор со Јувентус вреден пет милиони евра по сезона.
Тренерската кариера Мота ја почна во 2018 година во младинскиот тим на ПСЖ, а по една година мина во Џенова, каде што доби отказ по само 10 натпревари!
Потоа ја водеше Специја, од 2021 до 2022 година, а од септември 2022-та е на клупата на Болоња. На 75 натпревари тој забележа 35 победи, 23 нерешени и 17 порази, а неговиот тим во просек освојуваше 1,71 поен по натпревар.
Болоња лани заврши на деветтото место во Серија А, што беше најдобар резултат на клубот од 2012 година, кога беа исто така деветти под водство на Стефано Пиоли.
Но, тоа не е ништо во споредба со она што Мота успеа да го постигне сезонава. Болоња е трета на коло пред крајот на првенството и обезбеди играње во Лигата на шампиони (ЛШ) следната сезона.