Кристенсен уште две години во Барселона

Барселона официјално потврди дека данскиот дефанзивец Андреас Кристенсен го продолжи договорот со клубот, како што претходно објави „Мундо Депортиво“.

Каталонскиот гигант денеска соопшти дека Кристенсен ставил потпис на нов договор со кој соработката е продолжена за уште две сезони. Клубот и фудбалерот во наредниот период јавно ќе го официјализираат договорот на специјална церемонија во просториите на стадионот, како што е наведено во официјалното соопштение.

Дефанзивецот, кој ја ужива целосната доверба на тренерот Ханси Флик благодарение на својата сигурност во одбраната и способноста да игра и како централен стопер и како дефанзивен играч за врска, ќе придонесе и за намалување на вкупниот фонд за плати на тимот за сезоната 2026/27.

Договорот е потпишан на две години, но двете страни имаат право да ја раскинат соработката по завршувањето на првата сезона, без да биде активирана втората година од договорот.

Кристенсен имал и финансиски поповолни понуди, како од европски клубови, така и од Саудиска Арабија. Сепак, неговата желба од самиот почеток била да остане во Барселона.

И фудбалерот и неговото семејство се чувствуваат одлично и во клубот и во градот, па сакале да ја продолжат својата авантура во Барса. Поради тоа, Кристенсен без двоумење прифатил и одредено намалување на својата плата.

Од своја страна, Барселона високо ја оценила неговата посветеност, не само затоа што ги одбил финансиски подобрите понуди, туку и затоа што секогаш покажувал максимална посветеност кон тимот кога тоа било најпотребно.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО