Светскиот рекет број еден, Јаник Синер, без загубен сет обезбеди пласман во третото коло на Вимблдон, откако го совлада Португалецот Нуно Боржеш со 3-0 (7-6, 7-6, 6-4).
Италијанецот, кој ја брани титулата на најпрестижниот тениски турнир, до победата стигна по два часа и 31 минута игра на Централниот терен.
Синер се соочи со сериозен отпор во првите два сета, кои ги реши дури по тај-брејк. Во првиот сет двајцата тенисери сигурно ги освојуваа своите сервис-гемови, па победникот беше решен во дополнителната игра, каде што Италијанецот беше посигурен.
Во вториот сет беа видени по еден брејк на двете страни, а Синер успеа да се врати токму кога Боржеш сервираше за израмнување во сетови. И овој дел од мечот заврши во тај-брејк, каде што првиот светски рекет повторно го покажа својот квалитет.
Третиот сет започна со неколку брејкови. Боржеш еднаш му го одзеде сервисот на фаворитот, но Синер возврати со два брејка, создаде решавачка предност и без поголеми проблеми го приведе натпреварот до крај.
Во третото коло Синер ќе игра против Американецот Џенсон Бруксби.
Најдобрата светска тенисерка, Арина Сабаленка, обезбеди пласман во третото коло на Вимблдон, откако во два сета ја совлада Американката Макартни Кеслер со 6-1 и 7-6.
Белорусинката до победата стигна по точно 100 минути игра, но иако убедливо го освои првиот сет, во вториот мораше сериозно да се помачи за да го скрши отпорот на противничката.
Сабаленка доминираше во воведниот сет, во кој ѝ препушти само еден гем на Кеслер и брзо поведе со 1-0 во сетови.
Во продолжението Американката значително го подигна нивото на својата игра, па вториот сет донесе голема борба. Победникот беше решен дури во тај-бреј, каде што Сабаленка покажа повеќе смиреност и славеше со 11-9, со што го завери пласманот во третото коло на најпрестижниот тениски турнир.