Актуелниот европски првак, Италија го отвора првенството против Албанија, утре во Дортмунд. Италијанците се фаворити на тој меч, и за освојување на едно од првите две места во групата во која се уште Хрватска и Шпанија.
Весникот „Газета дело Спорт“ пред почетокот на турнирот објави список на работи кои селекторот Лучијано Спалети (65) ги забранил во репрезентацијата.
Спалети инсистира на точност. Првиот собир во денот е закажан напладне, а целиот тим заедно руча во 12.45 часот. Вечерата е во 20 часот.
Спалети им забранил на играчите да користат слушалки, а мобилните телефони се дозволени пред ручек и пред вечера, пред се’, за контакти со семејствата. После тоа, играчите треба да ги исклучат.
Играчите имаат соби за игри каде што има маси за пинг-понг, билијар, фудбал, флипери и четири конзоли со два симулатора за возење. Плејстешн може да се игра само во таа просторија.
Италијанците велат дека смеата и забавата исто така се дозирани бидејќи Спалети бара максимална концентрација на фудбалот од своите репрезентативци.