(ВИДЕО) НБА, плеј-оф: Фантастичен меч на Јокиќ, Мареј погоди победничка тројка

Бранителите на титулата, Денвер нагетс ја надоместија негативата од 20 поени во третата четвртина и го победија Лос Анџелес Лејкерс, 101:99 и поведоа со 2:0 во првата рунда од плеј-офот на Западната конференција.

Јунак на мечот беше Џамал Мареј кој ги постигна победоносните поени со звукот на сирената, а одличен меч одигра и Никола Јокиќ.

Гостите од Лос Анџелес одлично се снајдоа во првото полувреме по кое имаа предност од 59:44. Блескаа Ентони Дејвис, кој постигна 24 поени во првото полувреме и Д’Анџело Расел, кој за три поени шутираше 6/7.

На почетокот од третата четвртина гостите ја зголемија разликата на 20 поени, но потоа предноста почна да се топи. Леброн Џејмс се разигра во завршницата, но домашните предводени од Јокиќ и Мареј стигнаа до 95:95 на 1,15 минута до крајот.

Во последниот напад на Лејкерс, Џејмс промаши отворена тројка, а до ерупција во салата дојде кога од другата страна на паркетот Мареј, преку Дејвис погоди со звукот на сирената за победа на Денвер и за големо славје на домашните играчи и навивачи.

Никола Јокиќ и на овој меч оствари трипл-дабл, постигнувајќи 27 поени, со 10 асистенции и дури 20 скока. Мареј мечот го заврши со 20 поени, а Мајкл Портер џуниор додаде 22 поени со шут 6/10 за три поени.

На другата страна Дејвис постигна 32 поени со 11 скока, а Џејмс мечот го заврши со 26 поени, 12 асистенции и осум скока. Ова беше 10-та, последователна победа на Нагетс против Лејкерс. Следните два натпревари се играат во Лос Анџелес.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО