Интер го доби дербито „дела Мадонина“ и ја освои 20-та титула

Интер ја слави 20-та титула првак во Италија по синоќешната победа над големиот ривал Милан (2:1) во историското дерби „дела Мадонина“, на „Сан Сиро“. Интер ги доби последните шест дерби натпревари, израмнувајќи го рекордот на Милан од 1911-1913 и 1946-1948 година.

Головите за Интер ги постигнаа Франческо Ачерби во 18. и Маркос Турам, кој беше прецизен во 49. минута. Стрелец на единствениот гол на Милан, беше Фикајо Томори во 80. минута.

На пет натпревари до крајот Интер има 86 бода, 17 повеќе од второпласираниот Милан. За првпат во 116-та историја на миланското дерби титулата во Серија А беше „заверена“ на овој меч.

Во финишот, во судиското надополнување, зовреа страстите и „паднаа“ три црвени картони. Тео Ернандез од Милан и Дензел Дамфрис од Интер беа исклучени поради тепачката, а домаќините (Милан) завршија со деветмина, бидејќи капитенот Давиде Калабрија беше исклучен поради неспортско однесување.

– Ми доаѓа да плачам затоа што толку напорно работевме, толку многу страдавме и ја заслужуваме оваа радост. Титулата ја посветувам на моето семејство во Аргентина, на моите деца, на моите соиграчи и на сите навивачи.

Во фудбалот може да се победи и да се изгуби, но јас сум двојно среќен. Им кажав на момците дека сме во ситуација каква што досега не се случила, дека мораме максимално да ја искористиме можноста да победиме и да ја освоиме титулата против Милан, изјави капитенот Лаутаро Мартинез, кој сезонава постигна 25 гола во сите натпреварувања, од кои 23 во Серија А.

Интер со 20-то „скудето“, второ по 2010 година, претходното освоено во 2021 година под водство на Антонио Конте, го мина Милан кој има освоено 19 титули во Серија. Поуспешен е само Јувентус со 36 титули!

Со Симоне Инзаги на тренерската клупа се вратија добрите времиња на „нероазурите“, кои стигнаа до „скудетото“ на пет меча до крајот и по серијата од 27 натпревари без пораз. Интер постигна 79 гола, 15 повеќе од кој било друг тим, а прими 18, осум помалку од која било друга екипа.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО