(ВИДЕО) Фјури не го ни погледна Усик пред „мечот на векот“!

Тајсон Фјури (35) и Олександр Усик (37) утревечер ќе се сретнат во боксерскиот „меч на векот“ како што подолго време се нарекува. Борбата за обединување на шампионските титули во бокс во тешка категорија ќе се одржи во Ријад, Саудиска Арабија. Фјури е шампион според ВБЦ верзијата, а Усик, шампионот според ВБА, ИБФ, ВБО и Ринг.

Борбата требаше да се одржи во февруари, но беше одложена откако Фјури претрпе расекотина на лицето на подготовките, поради што мечот беше одложен. Победникот ќе стане првиот човек кој ги обединил сите титули по Ленокс Луис, кој го направи тоа со победата над Евандер Холифилд во 1999 година.

Пред мечот, како што е вообичаено, боксерите одржаа прес-конференција, по што следеше соочување. Тоа подразбира гледање очи во очи, но овојпат беше поинаку. Фјури застана на бината со капа на главата и го сврте лицето кон публиката, односно странично од Усик. Британецот потоа ја симна капата, разговараше со навивачите, па дури и пееше, додека Украинецот сето тоа мирно го гледаше.

Прашан зошто не го ни погледнал противникот, Фјури одговори: „Тој е момче со застрашувачки изглед. Дојдов да се опуштам, чекам да влезам во рингот во сабота. Разговорите и интервјуата завршија, опуштен сум и фокусиран“.

Фјури во кариерата има биланс од 34 победи, без пораз и едно реми, со Деонтеј Вајлдер. Усик победи на сите мечеви досега, 21, во професионалната кариера.

„Индипендент“ објави дека според договорот, Фјури ќе добие 70 отсто од вкупната сума од 140 милиони евра за борбата, или нешто повеќе од 94 милиони. Во договорот стои и дека еден милион ќе мора да и донира на Украина, која е во војна со Русија.


 

.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО