Тони Крос ја завршува кариерата по ЕП 2024?

Тони Крос ненадејно реши да ја заврши кариерата, на 35 години. Одличниот германски играч за врска на Реал Мадрид ќе настапи на претстојното Европско првенство (ЕП), а потоа ќе ја заврши професионалната кариера. Неговиот клуб, Реал Мадрид ја потврди веста.

Крос и сезонава е стандарден во првите 11 кај тренерот Карло Анчелоти. Одигра 46 натпревари, постигна еден гол и имаше девет асистенции. Тој се истакна со одличните партии на крајот од сезоната, особено во Лигата на шампиони (ЛШ).

Крос пристигна во Реал Мадрид во јули 2014 година за 25 милиони евра, од Баерн Минхен. Веднаш се етаблираше како еден од најдобрите играчи од средниот ред во светот, заедно со Лука Модриќ и со Бразилецот Каземиро со кои одлично соработуваше.

Крос ја почна кариерата во Ханза Росток, а потоа во 2006-та мина во младинскиот стим на Баерн. Во сезоната 2009/10  играше како позајмен играч за Баер Леверкузен, каде што „експлодираше“.

Потоа одигра неколку одлични сезони за Баерн, по што пред 10 години, се пресели во Реал, каде што одигра 463 натпревари, постигна 28 гола и 98 пати асистираше.

Крос ќе се збогува со Реал во финалето на ЛШ против Борусија Дортмунд, на 1 јуни, а по ЕП ќе ја заврши кариерата. Со Реал четири пати ја освои Ла лига и ЛШ. Со Баерн три пати беше германски, и еднаш европски првак.

За германската репрезентација тој има одиграно 108 меча, дадено 17 гола. Во 2014 година го освои Светското првенство (СП) во Бразил, како еден од клучните играчи во репрезентацијата на Јоаким Лев.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО