Премиер лига: „Златната ракавица“ за голманот на Арсенал

Голманот на Арсенал, Дејвид Раја е освојувач на „Златната ракавица“ во Премиер лигата, откако Лутон постигна гол против Евертон (1:1), односно нивниот голман, Џордан Пикфорд.

Пред натпреварот Лутон – Евертон во петокот, Пикфорд беше единствениот голман кој можеше да го надмине Раја во поредокот за „Златната ракавица“. Но, надежите на Пикфорд беа прекинати кога Елија Адебајо израмни за Лутон.

Мрежата на Раја остана незатресена на 14 од 29-те натпревари сезонава, откако тој минатото лето им се приклучи на „топчиите“, на позајмица од Брентфорд.

Многумина беа скептични кога Раја лани во август му се приклучи на Арсенал, на барање на менаџерот Микел Артета, како позајмен играч од Брентфорд, со опција за подолготраен договор. „Топчиите“ веќе имаа стабилен чувар во Арон Рамсдејл, кој бранеше на сите 38 натпревари претходната сезона, без примен гол на 14 натпревари.

Раја имаше лош почеток на сезоната, што кулминираше во декември кога направи две грешки во победата на Арсенал над Лутон од 4:3. Но, потоа ја подобри формата и беше еден од најзаслужните за пласманот на Арсенал во четвртфиналето на Лигата на шампиони (ЛШ).

Откако упадна во тимот на Арсенал во септември, Раја пропушти само два првенствени натпревара сезонава, кога немаше право да брани против матичниот клуб, Брентфорд.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО