Денеска почнува 107. Џиро д’Италија, Тадеј Погачар прв фаворит

Денеска, во 13.30 часот, со првата од вкупно 21 етапа, планинска, долга 136 км, од Венариа реале во Торино, ќе стартува 107. издание на легендарната велосипедска трка Џиро д’Италија. Трката ќе заврши во Рим, на 26 мај, со кружната етапа долга 126 км, околу Колосеумот. Ова е една од трите грантур-трки, покрај Тур де Франс и шпанската Вуелта.

Воведната етапа се совпаѓа со 75-годишнината од трагедијата во 1949 година кога авионот со фудбалскиот тим на Торино, познат и како „Гранде Торино“, се урна на ридот Суперга на периферијата од градот при што загинаа сите 31 лице во него.

На Џиро ќе настапат 22 тима со по осум велосипедисти на кои им претстојат тринеделни напорни етапи со вкупна должина од 3.321,2 км. Севкупно, се чини дека трасата, со релативно кратки етапи, ќе придонесе за многу напаѓачка трка.

– Има многу добри возачи на Џиро и може да има многу изненадувања за трите недели. Роман Барде покажа добра форма, Герент Томас ќе биде добар како и секогаш. На секоја трка што ја почнувам ме сметаат за фаворит и морам да живеем со тоа. Сите се обидуваат да се справат со нашиот тим, ќе треба да ја контролираме трката од самиот почеток, рече словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар, кој вози за тимот на Емирати.

Погачар ќе се обиде годинава да направи нешто уште поголемо, да испише историја, да победи на Џиро д’Италија и на Тур де Франс во иста година! Само седум возачи досега го постигнале ова, а последен беше Италијанецот, Марко Пантани во 1999 година.

Ланскиот победник, Словенецот Примож Роглич годинава нема да настапи на Џиро, односно одбра да вози на Тур де Франс.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО