Почнува 17. ЕП: Италија ја брани титулата, Германија посакува трофеј по 28 години „пост“

Со вечерашниот меч Германија – Шкотска во Минхен (21 часот) почнува 17. Европско првенство (ЕП) во фудбал кое привлекува огромно интересирање. Фудбалот ќе биде над се’, возбудливите натпревари ќе ја држат Европа и голем дел од светот под спортска „тензија“ до 14 јули, и големото финале во Берлин.

Прекрасните стадиони во Германија се очекува да бидат полни, атмосферата на трибините пријатна, надополната со спектакуларни и неизвесни натпревари.

Италијанците ја бранат титулата, но повеќето стручњаци и новинари не ја ставаат меѓу фаворитите за нов трофеј. Дилемата е и дали Германија ќе излезе од кризата и со помош на домашниот терен и навивачите повторно ќе биде моќен тим и по 28 години и ЕП 1996 ќе освојат нова титула, вкупно четврта?

Генерацијата на Франц Бекенбуер ја освои светската круна во 1974-та дома, во Минхен, но потоа на ЕП 1988 и на СП 2006 не успеа да стигне до крајот, иако како организатори беа одлични. Англичаните повторно се на врвот на листата на фаворити, но останува да се види дали се доволно искусни да се закинат со првата европска титула?

Во потесниот круг на фаворити се Французите кои на титулата чекаат 24 години, Холанѓаните 36…Може пријатно да изненадат Португалците, Белгијците па и некој „аусајдер“како Грција во 2004-та или Данска во 1992-та.

На ЕП во Германија ќе настапат 24 репрезентации поделени во шест групи. Двете првопласирани селекции од шесте групи, плус четири третопласирани со најдобар скор ќе ги продолжат мечевите во осминафиналната, нокаут рунда.

Група А: Германија, Шкотска, Унгарија, Швајцарија

Група Б: Шпанија, Хрватска, Италија, Албанија

Група Ц: Словенија, Данска, Србија, Англија

Група Д: Полска, Холандија, Австрија, Франција

Група Е: Белгија, Словачка, Романија, Украина

Група Ф: Турција, Грузија, Португалија, Чешка

Вкупно ќе биде одигран 51 меч. Групната фаза почнува на 14 јуни, осминафиналните натпревари се на 29 јуни, четвртфиналните на 5 и 6 јули, полуфиналните на 9 и 10-ти, а финалето е на 14 јули.

Натпреварите ќе се играат во 10 града и на 10 стадиони. Во Берлин (71.000 места), Келн (43.000), Дортмунд (62.000), Дизелдорф (47.000), Франкфурт (47.000), Гелзенкирхен (50.000), Хамбург (49.000), Лајпциг (40.000), Минхен (66.000) и Штутгарт (51.000).

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО