Почеток на подготовките на кадетската репрезентација во кошарка

Од вчера, „во погон“ е ставена и машка кадетска селекција во кошарка.

Со првиот собир во СРЦ „Кале“, нашиот национален тим „под 16“ години ги започна подготовките за настап на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое од 8. до 17.август ќе се одржи во главниот град.

Селекторот Александар Јованчев и неговиот стручен тим се одлучија за еден поширок список на играчи, поради што првите работни денови ќе бидат и селективни.

Ќе бидат проверени сите повикани кошаркари, и веќе на почетокот на следната седмица, стручниот штаб ќе има и појасна „слика“ за она што следува во наредниот период.

Согласно со планот, првиот дел од подготовките кадетите ќе го одработат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.

На 14 јули следува гостување во Тиват, каде ќе бидат реализирани две контролни средби против соодветната селекција на Црна Гора.

По враќањето, за 25 јули е закажано учество и на турнирот во Гевгелија, каде е предвидено одигрување на уште три натпревари.

Гевгелија ќе биде втората „база“ на кадетската репрезентација, каде на 3. август, Македонија ќе ги одмери силите со репрезентацијата на Исланд, по што мислите ќе бидат насочени кон Скопје, каде ќе се игра кадетскиот европски шампионат на кој ние сме во улога на домаќини, информираат од КФСМ.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО