НБА, плеј-оф: Дончиќ промаши клучно слободно фрлање, на Кливленд не му помогна ниту Леброн

Словенецот Лука Дончиќ имаше видливи болки во десното колено и левата нога на натпреварот Далас маверикс– Оклахома Сити тандер, 96:100,  што можеше да се забележи при шутирањето, бидејќи погоди само шест од 20-те удари и имаше седум загубени топки.

Но, тој сепак забележа трипл-дабл (18п, 12с, 10а), а неговиот тим имаше и 14 поени предност во четвртиот натпревар од втората плеј-оф рунда во НБА лигата.

Далас до предноста таму стигна благодарение на одличната одбрана во првото полувреме и на тројките на П.Џ. Вашингтон (21п, 12с., 5/11 за тројки). Но потфрли Кајри Ирвинг кој постигна само девет поени и имаше исто толку асистенции.

Со тие 14 поени предност во третата четвртина, се чинеше дека Далас ќе поведе со 3:1 во серијата, но потоа се разбуди Тандер. Шај Гилџес-Александер го оправда второто место во изборот за МВП, со ефектот од 34 поени, 8 скока и 5 асистенции.

Далас не се откажуваше, а Дончиќ имаше две слободни фрлања за израмнување, на 10 секунди пред крајот. Но, го промаши првото, по што Оклахома стигна до победата, да израмни на 2:2 и да ја врати предноста на домашниот терен.

Кливленд кавалирс бодрен од Леброн Џејмс кој беше на трибините, но без повредениот, најдобриот играч, Донован Мичел, загуби дома од Бостон селтикс, 102:109. Улогата на Мичел ја презеде Дариус Гарланд (30п, 7а, 3с, 2ук), но тоа не беше доволно да се избегне поразот.

Кај Бостон, кој стигна до третата победа и е на чекор до уште едно финале на Истокот, блескаа Џејсон Тејтум (33п, 11с, 5а, 2ук) и Џејлен Браун (27п, 8с).

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО