Највредниот играч во Бундеслигата се проценува на 130 милиони евра

Трансфермаркт, страницата специјализирана за проценка на вредноста на фудбалерите на пазарот, ги ажурираше сумите за играчите кои играат во Бундеслигата.

Досега првото место за највреден фудбалер во лигата го делеа двајца офанзивни играчи за врска, Џамал ​​Мусиала (21) од Баерн Минхен и Флоријан Вирц (21) од Баер Леверкузен, и напаѓачот на Баерн, Хари Кејн (30), кои беа проценети на 110 милиони евра.

Но, Вирц имаше одлична сезона со Баер по која неговата цена скокна за 20 милиони и сега е водечки на листата со вредност од 130 милиони евра, што го прави највредниот германски фудбалер досега на таа страница.

Цената на Мусиала се зголеми на 120 милиони, а на третото место падна Кејн чија вредност е 10 милиони помала и сега изнесува околу 100 милиони евра.

Вирц со Баер Леверкузен, предводен од тренерот Чаби Алонсо, ја освои двојната круна во Германија, Бундеслигата и Купот, но загуби во финалето на Лига Европа (ЛЕ) од Аталанта, што беше единствениот пораз сезонава!

Вирц беше најдобриот играч на Баер. Тој сезонава забележа 49 настапи на кои постигна 18 и асистираше за други 20 гола, па не чуди што многу светски медиуми го поврзуваат со клубови како Реал Мадрид или Манчестер сити.

Неговиот договор со Баер е до летото 2027 година. Тој е дел од селекцијата на Германија што ќе настапи на Европското првенство (ЕП), од 14 јуни до 14 јули. Досега има забележано 16 настапи за „панцирите“ и има постигнато еден гол.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО