Скопје и Куманово се домаќини на Европскиот младински олимписки фестивал, кој обединува повеќе од 4.000 спортисти од 50 земји, на возраст од 14 до 18 години. Натпреварите се одвиваат во 15 различни спортови, а атмосферата во спортските сали и терени е на врвно ниво.
На третиот натпреварувачки ден, во Скопје беше поставен нов светски рекорд во скок со стап. Седумнаесетгодишната Естонка Алика Инкери Мосер прескокна 4 метри и 52 сантиметри, надминувајќи го за еден сантиметар рекордот на Американката Аманда Мол.
– Сакам да кажам дека сум многу благодарна за оваа можност, најпрво да се натпреварувам тука и сум навистина среќна што дома ќе однесам златен медал. Во моментов, сето ова ми изгледа толку неверојатно – изјави Мосер.
Во текот на денот се одржуваат финални натпревари во атлетика (машка конкуренција) на арената „Тодор Проески“, финалиња во џудо за девојки во салата „Јане Сандански“, како и кошаркарски натпревари и планински велосипедизам во Куманово. Скопје, исто така, е домаќин на натпреварите во стрелаштво, одбојка и ракомет.
– Условите се идеални, атмосферата е супер. Можам да кажам дека сите спортисти се среќни и токму поради тоа можат да дадат сè од себе. Досега имавме можност да формираме пријателства кои ќе траат долго. Нашата цел е јасна – сакаме да ја направиме Македонија горда – изјави младата натпреварувачка Матеа Поповска.
Организаторите се задоволни од текот на настанот, а од Македонскиот олимписки комитет велат дека олимпискиот дух веќе се чувствува низ улиците на главниот град.
– Секој ден кога ќе излезете низ Скопје, ќе видите многу бои, насмевки и позитивна енергија. Тој дух полека се вкоренува овде – истакна претседателот на МОК, Даниел Димевски.
Сепак, од почетокот на фестивалот во јавноста постојат силни критики за недоволната информираност и слаба организација. Граѓаните забележуваат дека немало кампања за најавување на настанот, ниту видливи подготовки низ Скопје, кое и понатаму се соочува со проблеми со ѓубре и депонии.
Фестивалот трае до 26 јули, а дел од натпреварите се одржуваат и во хрватскиот град Осиек.