Францускиот напаѓач Иго Екитике и официјално е ново засилување на Ливерпул. Дваесет и тригодишниот фудбалер пристигна од Ајнтрахт Франкфурт, ги помина лекарските прегледи и потпиша долгорочен договор, по што веднаш ќе се приклучи на тимот на пред-сезонската турнеја во Хонг Конг.
Овој трансфер е круна на неверојатната кариера на играчот кој пред само една година беше речиси заборавен, а сега е дел од актуелниот шампион на Англија.
Во 2023 година, како еден од најперспективните млади напаѓачи во Франција, Екитике го одби Њукасл и се пресели во Пари Сен-Жермен за 28,5 милиони евра. Но, во конкуренција со ѕвезди како Мбапе, Нејмар и Меси, не доби вистинска шанса, и неговиот престој во Париз се покажа како неуспешен.
Промената дојде преку Ајнтрахт Франкфурт, кој прво го донесе на позајмица, а потоа го откупи. Минатата сезона во Бундеслигата Екитике блесна: 22 голови и 12 асистенции на 48 натпревари, избор во Тимот на сезоната и интерес од најголемите европски клубови.
Интересно, ова лето и Њукасл повторно покажа сериозен интерес и беше подготвен да плати 75 милиони евра, но Екитике овојпат го избра Ливерпул.