Македонија од третиот шешир ќе ги очекува противниците на СП 2025

Македонија обезбеди пласман на Светското првенство (СП) 2025-та во ракомет, и на 29-ти мај ќе дознае противниците со кои ќе се соочи во групната фаза на СП кое во јануари следната година ќе се игра во Хрватска, Данска и Норвешка.

Македонија ќе биде во третиот шешир, заедно со Катар, Бразил, Аргентина, Куба, Италија, Јапонија и Алжир. Од првиот шешир можни ривали се Данска, Франција, Шведска, Германија, Шпанија, Унгарија, Словенија и Египет.

Во вториот шешир се Австрија, Норвешка, Португалија, Хрватска, Чешка, Полска, Исланд и Холандија, а во четвртиот, Бахреин, Тунис, Чиле, Кувајт, Зеленортски острови, Гвинеја, САД и еден тим кој ќе добие вајлд-карта.

Групната фаза на СП ќе се игра во три хрватски и во по еден дански и норвешки град. За македонската навивачка „Фаланга“ најдобрата варијанта е Македонија да игра во Загреб, Вараждин или во Пореч, бидејќи се најблиску и таму навивачката поддршка од трибините би била многу поголема. Другите натпревари ќе се играат во Хернинг и во Осло.

Системот за натпреварување е со осум групи од по четири тима, а првите три од секоја група одат во следната фаза, што значи дека една победа во трите кола на Македонија може да и’ донесе пласман во втората фаза.

Последното место во групата значи разигрување во „Претседателскиот куп“ во хрватскиот град Пореч.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО