Македонија денеска против Франција, пред повеќе од 50.000 луѓе на отворањето на ЕП во ракомет

Македонија со мечот против Франција во Дизелдорф, денеска во 18 часот, ќе ја има честа да го отвори 16. Европско првенство (ЕП) во ракомет во Германија (од 10 до 28 јануари).

Европската ракометна федерација (ЕХФ) потврди дека се продадени повеќе од 53.000 билети за арената „Меркур Шпил“ во Дизелдорф,  што ќе претставува светски рекорд според посетеност на еден ракометен меч.

Македонија е во групата А, со селекциите на домаќинот Германија, Франција, Швајцарија.

За репрезентацијата на Македонија ова ќе биде осми настап на ЕП. Првото учество беше во 1998 година, а од 2012 година, кога беше забележан најдобриот пласман, на петтото место, па наваму, Македонија е постојано присутна на завршните континентални натпреварувања.

На осумте учества на ЕП, Македонија одигра 37 натпревари, со ефект од осум победи, шест ремија и 23 порази, и гол  разлика 906: 1.025.

Франција, првиот противник на Македонија, е ракометна велесила и има учествувано на сите 15 ЕП. Французите имаат освоено три злата (2006, 2010 и 2014-та) и две бронзи (2008 и 2018-та).

Франција која е и актуелен олимписки шампион од Токио 2020, е единствената што била европски, светски и олимписки шампион во истовреме (во 2010 и 2015-та).

Македонија и Франција само еднаш играле на ЕП, во Полска 2016 година, кога црвено-жолтите загубија со 23:30 (12:12). 

Германија, вториот ривал на Македонија на ЕП, ќе игра пред своите навивачи и се смета за еден од конкурентите за освојување медал. Германија која настапила на 14 ЕП, има две злата и по едно сребро.

Македонија играла двапати со Германија на ЕП, со ефект од еден пораз и едно реми.

Македонија против Германија ќе игра во Берлин на 14 јануари (20.30 ч.). 

Швајцарија, третиот ривал на Македонија во групата А, е многу послаба во споредба со Франција и Германија, но не е за потценување.  Македонија досега нема одиграно меч со Швајцарија на ЕП, но има одиграно шест квалификациски дуели и во сите славела.

Македонија и Швајцарија ќе се сретнат на 16 јануари во Берлин (18 ч.)

Титулата на ЕП 2024 ќе ја брани селекцијата на Шведска, која е и најуспешна репрезентација на континенталните првенства, со пет злата и едно сребро.

Првите две селекции од осумте групи, како и најдобрите четири третопласирани репрезентации, ќе обезбедат пласман во следната фаза.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО