ЛШ: Финалето на „Вембли“ ќе го обезбедуваат рекордни, над 2.500 редари

На финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) меѓу Борусија Дортмунд и Реал Мадрид во сабота ќе има „најмногу редари во историјата на стадионот Вембли“.

Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија ќе распореди повеќе од 2.500 редари (стјуарди). За „безбедносната операција“ ФА ќе потроши над пет милиони фунти со цел подобрување на безбедноста и на инфраструктурата во обид да се избегне повторување на хаотичните сцени од финалето на ЕП, Англија – Италија пред три години.

Независната истрага во 2021 година идентификувала повеќе од 20 „блиски средби“ кои можеле да резултираат со сериозни повреди или со смрт, кога навивачите без билети се обидуваа да влезат на стадионот.

Во извештајот се додава дека имало „колективен неуспех“ во планирањето на натпреварот, поради што околу 2.000 луѓе нелегално влегле на стадионот.

По нередите на „Вембли“ слични проблеми имаше и на финалињата на ЛШ во 2022 и 2023 година, во Париз и во Истанбул. УЕФА потоа беше обвинета дека „спрема навивачите се однесувала како со говеда“.

Мечот во сабота ќе послужи и како „силен и сеопфатен план за тестирање“ во врска со дигиталните билети и проверки, бидејќи УЕФА и локалните власти се соочуваат со притисок да организираат настан без проблеми.

ФА, која тестираше нови методи во финалето на Лига и ФА купот, вложила пари за дополнителни камери и системи за заклучување на вратите на стадионот. Влегување на „Вембли“ ќе биде можно четири часа пред почетокот на мечот наместо два.

Инвестирано е и во камери за следење на случувањата во блиските пабови, како и на стадионот. Исто така и некои стјуарди ќе носат камери на себе.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО