Лазаров: Швајцарија е фаворит, но верувам во победа на Македонија

Селекторот на Македонија, Кире Лазаров со помошниците ја подготвува стратегијата за последниот меч во групната фаза на Европското првенство (ЕП), вечерва во Берлин (18 часот) против Швајцарија.

Македонија претрпе убедливи порази од Франција и од Германија, и сега останува во дуелот со Швајцарија да се обиде да го поправи лошиот впечаток и да забележи победа.

Но тоа нема да биде лесно бидејќи Швајцарците на мечот против Франција ремизираа и покажаа дека се квалитетна репрезентација.

Лазаров вели дека Швајцарија е фаворит на вечерашниот натпревар, но верува во победа на Македонија.

– Не’ чека тежок меч, но имаме реални шанси за победа. Од друга страна, свесни сме за нивните квалитети, видовме како одиграа против Франција. Ние ќе дадеме се’ од себе, но ќе треба да бидеме концентрирани и фокусирани за да оствариме добар резултат, истакнува Лазаров.

Лазаров е свесен дека треба многу работи да се подобрат во играта на Македонија.

-Ако во нешто сме први на ова првенство, тоа се техничките грешки. Во ракометот понекогаш самите правите технички грешки, но понекогаш противникот со одбраната ве наведува да ги правите. Се надевам дека нема да биде така против Швајцарија, особено ќе биде важно да бидеме добри на поставена одбрана и игра „шест на шест“, рече Лазаров.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО