(ФОТО) Евгениј Поп Ацев стана дел од Интернационалната „Куќа на славните“ пливачи-маратонци

Евгениј Поп Ацев, пливачот, маратонец на отворени води, од Скопје, Македонија, стана дел од Интернационалната „Куќа на славните“ во маратонското пливање (ИМСХОФ) како почесен пливач во класата 2024 година.

– Голема чест и привилегија е да се биде во „Куќата на славните“ на маратонско пливање, меѓу најголемите имиња во историјата на светското пливање. Посебно сум среќен и горд што правејќи го она што најмногу го сакам и пливајќи за Македонија, придонесов и оставив белег во светот на маратонското пливање.

Многу сум благодарен за номинацијата, за изборот и за големото признание од една ваква голема светска организација, како и на сите кои беа дел од мојата пливачка кариера и ме поддржуваа во минатите 20 години, гласеше изјавата на Поп Ацев по повод приемот.

Евгениј Поп Ацев, „најомилената личност“ во пливачката заедница, како што го нарекуваат, има голем придонес во маратонското пливање. Тој е трикратен светски првак, во 2015, 2017 и 2019 година. Има победувано на многу маратони ширум светот, меѓу кои на Капри – Неапол во Италија; на Охридскиот маратон, во Шабац, Србија итн.

– Мојата приказна во пливањето почна на деветгодишна возраст. Сфатив дека повеќе ми одговара пливање на подолги патеки и тоа сознание постепено ме насочи кон маратонското пливање, раскажува Поп Ацев.

Таа рана склоност кон спортови на издржливост се совпаѓа и со неговите академски определби. „Одлучив во мојата последна средношколска година да станам стоматолог, следејќи ги стапките на моето семејство, вели Поп Ацев.

Надвор од извонредната спортска кариера во маратонско пливање, тој води исполнет семеен живот. Живее со сопругата Алана и двете мали ќерки, а времето со семејството честопати го минува во заеднички активности на отворено. Се занимава со планинарење, трчање и триатлони..

Ацев ужива и во другарството со колегите, пливачи и има многу убави спомени од различни светски натпревари.

– Тоа е убавината на спортот, патување низ светот, запознавање нови луѓе и создавање нови пријателства. Има многу другарство, но помалку забава бидејќи сите некако се фокусирани на конкуренцијата. Ривалството е исто така дел од тоа другарство. Ние секогаш сме интересна група бидејќи доаѓаме од различни делови на светот. За среќа, сите зборуваат англиски, истакнува тој.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО