Баскијците се новата сила на Шпанија, но сонуваат за своја репрезентација?

Во репрезентацијата на Шпанија има деветмина играчи, Баскијци кои ќе се соочат со Хрватска на воведниот меч на Европското првенство (ЕП) за девет дена. Шпанија никогаш немала толку фудбалери од северната провинција Баскија, со 2,2 милиони жители.

– Тоа е одраз на добрата работа со младите во баскиските тимови, изјави 27-годишниот Микел Ојарзабал, напаѓачот на Реал сосиедад, кој во средата на мечот Шпанија – Андора (5:0) постигна три гола за 20 минути.

Шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте има 29 играчи на подготовките. Од Реал сосиедад се голманот Алекс Ремиро, дефанзивецот Робин Ле Норманд, играчите од средниот ред Мартин Зубименди и Микел Мерино и напаѓачот Ојарзабал.

Од Атлетик Билбао се голманот Унаи Симон, дефанзивецот Дани Вивијан и напаѓачот Нико Вилијамс. Емерик Лапорт, центархалфот на Ал-Наср од на Саудиска Арабија, исто така има баскиско потекло.

Атлетик Билбао годинава го освои шпанскиот „кралски“ куп. Реал сосиедад успешно се натпреваруваше во Лигата на шампиони (ЛШ) и го освои шестото место во Ла лига.

Со децении наназад ’рбетот на шпанската репрезентација беа играчите на Реал Мадрид и на Барселона, што кулминираше во финалето на Светското првенство (СП) 2010 година кога само Жоан Капдевила не беше од еден од тие два клуба во стартниот тим.

Баскиските клубови вообичаено даваа по двајца играчи на големите натпреварувања. Исклучок беше ЕП пред 20 години, кога имаше тројца играчи, Чаби Алонсо од Реал сосиедад, односно Хозеба Ечеберија и Даниел Аранзубија од Атлетик.

Дека Баскијците станаа важни во меѓународниот фудбал, сезонава потврдија и тренерите од тој регион, со свој јазик и идентитет.

Хозе Луис Мендилибар, роден во градот Залдибар со 3.000 жители, ја освои Лига на конференции (ЛК) со Олимпијакос, со што на грчкиот клуб му го донесе првиот европски трофеј. Минатата сезона, тој со Севија триумфира во Лига Европа (ЛЕ).

Чаби Алонсо на клупата на Баер Леверкузен стигна до историската двојна круна во Германија. Единствениот пораз сезонава беше во финалето на ЛЕ од Аталанта.

Јагоба Арасате лани ја предводеше Осасуна до финалето на шпанскиот куп, а претходните години се докажаа Унаи Емери и Хулен Лопетеги.

Фудбалскиот сојуз на Баскија побара од УЕФА да и дозволи да учествува во нејзините натпреварувања, по примерот на Шкотска, Северна Ирска, Велс, Фарските Острови и Гибралтар, бидејќи има автономија, парламент и влада.

Од регионалната влада на Баскија велат дека ваквата иницијатива е блокирана од Шпанија, односно од Шпанската фудбалска федерација. На репрезентацијата на Баскија и е дозволено да игра само пријателски натпревари, бидејќи нејзината асоцијација не е членка на УЕФА и на ФИФА.

Во март, Баскија со Уругвај одигра 1:1 пред 35.000 гледачи во Билбао. Селекторот на Баскија, Арасат рече дека публиката „вибрирала во зелените дресови“ на националниот тим. „Но, мојот сон ќе се оствари кога ќе станеме официјална репрезентација“, изјави тој.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО