ФИФА го подготвува најголемото Светско првенство – 48 селекции и нов интерконтинентален турнир во Мексико

Квалификациите за Светското првенство во фудбал, кое во 2026 година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, влегуваат во клучната фаза. Ова издание ќе биде најголемото во историјата на Мундијалите, со вкупно 48 учесници – 16 повеќе отколку на последното Светско првенство во Катар. Засега своето место на турнирот обезбедија 28 репрезентации.

Европа ќе има најголем број претставници – 16 селекции. Од Африка ќе настапат девет, од Азија осум, од Јужна Америка шест, а од Северна и Централна Америка уште шест. Океанија ќе има еден претставник, што прави вкупно 42 екипи. Преостанатите шест ќе бидат познати преку дополнителни бараж натпревари и интерконтинентални турнири.

Четирите преостанати европски места ќе се одредат преку мини-турнири со по четири репрезентации, додека другите двајца учесници ќе се изберат преку новиот Интерконтинентален куп на ФИФА.

Овој турнир ќе се одржи во март 2026 година во мексиканските градови Гвадалахара и Монтереј. На него ќе настапат вкупно шест репрезентации – по една од секоја континентална асоцијација (освен УЕФА), а КОНКАКАФ ќе има два свои претставници.

Турнирот ќе биде поделен на два мини-турнира со по три екипи. Највисоко рангираната репрезентација според ФИФА ќе влезе директно во финалето, додека останатите две ќе се сретнат во полуфинале. Победниците од двата мини-турнира ќе се приклучат на Мундијалот како последни патници.

Бидејќи ждрепката за Светското првенство е закажана за 5 декември, на неа ќе бидат вклучени имињата на 42 веќе квалификувани репрезентации и шест места резервирани за победниците од дополнителните квалификации.

Досега се познати два учесници на Интерконтиненталниот турнир – Нова Каледонија, која беше втора во Океанија, и Боливија, која заврши седма во квалификациите за Јужна Америка. Се очекува меѓу учесниците да бидат и две северноамерикански селекции што ќе завршат втори во своите групи (најголеми шанси имаат Костарика и Курасао), победникот од плејофот меѓу Ирак и Обединетите Арапски Емирати, како и победникот од африканскиот плејоф меѓу Габон, Нигерија, ДР Конго и Камерун.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО