Македонија меѓу потенцијалните учесници во баражот за Светското првенство

нглија стана првата европска репрезентација што обезбеди место на Светското првенство, кое следната година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.

Европа ќе има вкупно 16 претставници на Мундијалот. Од нив, 12 ќе добијат директен пласман како победници во квалификациските групи, додека преостанатите четири ќе се изберат преку плејоф-турнири.

Во плејофот ќе настапат 12 второпласирани селекции од квалификациите и уште четири репрезентации кои ќе бидат најуспешни во Лигата на нации, но нема да обезбедат директен пласман или второ место во групата. Селекциите што биле победници во своите групи од Лигата на нации, без разлика на нивното ниво (А, Б, Ц или Д), ќе имаат предност при изборот.

Во моментов, според актуелната ситуација, четирите екипи кои би учествувале во плејофот се Шведска, Македонија, Северна Ирска и Молдавија – и сите би се нашле во четвртиот шешир при ждрепката.

Распоредот на останатите шешири ќе се утврди според ФИФА рангирањето во ноември. Засега, во првиот шешир би биле Италија, Турција, Украина и Полска; во вториот Велс, Унгарија, Шкотска и Чешка; а во третиот Словачка, Романија, Албанија и Косово.

Доколку Македонија успее да заврши втора во својата квалификациска група, тогаш на ждрепката за баражот ќе биде дел од третиот шешир.

Плејофот ќе се игра во еден натпревар – домаќини на полуфиналните дуели ќе бидат селекциите од подобрите шешири. Првиот шешир ќе игра против четвртиот, вториот против третиот, а домаќинот на финалниот натпревар ќе биде одреден со ждрепка.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО