Американската професионална кошаркарска лига, НБА се согласи да ги продаде телевизиските права за следните 11 години на ЕСПН, кој е во сопственост на Волт Дизни (Walt Disneya), на Ен-би-си универзал (NBC Universal), кој е во сопственост на Комкаст (Comcast) и на Амазон (Amazon.com) за 77 милијарди долари. Новиот договор ќе стартува од сезоната 2025/26.
Истовремено, лигата ја одби понудата на ТНТ, која е во сопственост на Ворнер брос дискавери, бидејќи била пониска од понудата на Амазон, па по повеќе од четири децении ќе престане соработката меѓу НБА и ТНТ.
– Овој нов глобален договор за медиуми со Дизни, Ен-би-си универзал и Амазон ќе ја максимизира достапноста на НБА мечевите за обожавателите во САД и ширум светот.
Овие партнери ќе ја дистрибуираат нашата содржина низ широк опсег на платформи и ќе ни помогнат да го трансформираме искуството за гледање натпревари во следната деценија, објави комесарот на НБА, Адам Силвер.
Според новиот договор, Дизни ќе емитува 80 натпревари од лигашкиот дел од сезоната, Ен-би-си универзал 100, а Амазон 75 натпревари.
Ексклузивен сопственик на правата за пренос на плеј-офот финалето останува Еј-би-си (ABC), која ги има правата од 2003 година.