Вклучен алармот во Италија: Серија А е прегломазна, економски е неодржлива!

Се погласни се повиците за намалување на бројот на клубовите во елитната, италијанска Серија А, која моментално ја сочинуваат 20 екипи.

Еден од најгласните заговорници на оваа идеја е Аурелио де Лаурентис, претседателот на Наполи. Тој ја повика Владата да интервенира во говорот во италијанскиот Сенат, долниот дом на италијанскиот парламент.

– Дозволивме Серија А да порасне од 16 на 18 клуба во 1986 година, а потоа и на 20. Бројот на натпревари ќе се зголеми на 75 до 80 следната сезона. Играчите ќе бидат исцедени и едноставно нема да можат да го одржат тоа темпо сезона по сезона.

Жал ми е што политичарите генерално веруваат дека Владата не треба да се интересира за економските елементи на фудбалот или веруваат дека не може да создаде услови да ги елиминира милијардите долгови што фудбалот ги генерира секоја година, рече Де Лаурентис во обраќањето до Сенатот.

Де Лаурентис додаде дека не бара пари, туку само законски измени кои ќе му овозможат на фудбалскиот сектор „да ја врати економската и финансиската енергија“.

Првиот човек на Наполи смета дека Серија А самата нема сили да го намали бројот на клубови и предлага Владата да го направи тоа поради фактот дека приходите не можат да ја оправдаат бројката од 20 клубови.

– Лигата ја носат шест, најмногу осум клуба и тоа Владата мора да го разбере. Останатите само ја пополнуваат бројката. Едноставно не можеме да дозволиме клубовите да продолжат да трупаат долгови. Наполи ја затвори годината со добивка од 83 милиони евра, но не можевме да инвестираме ниту во стадионот, ниту во академијата.

Де Лаурентис има предлог што нема да им се допадне на многумина…

– За да инвестираме во стадиони, треба да ги „исчистиме“ и навивачките бази. Во Англија хулиганите се избркани, а ние имаме навивачи кои наметнуваат ситуации и диктираат свои закони.

Кога им го кажав ова на политичарите, тие ми одговорија дека навивачите одат на стадионите и оти не можат ништо да направат бидејќи тие претставуваат гласови!

Ова е знак за слабост на државата и значи дека е дозволена деликвенција на стадионите, бидејќи тие се сметаат за нивна територија. Ова е незамисливо, истакна првиот човек на Наполи, кој е познат и како доста контроверзна личност.

Со идејата за намалување на бројот на клубови во италијанското првенство се согласува и директорот на Јувентус, Франческо Калво.

– Италијанскиот фудбал во моментов не е одржлив, потребна е интервенција за да се стабилизира и да биде економски исплатлив. Клучно е да се намали бројот на клубовите кои се натпреваруваат во Серија А.

Во 2003 година, Јувентус имаше буџет од 230 до 250 милиони евра. Денеска, 20 години подоцна, таа сума ја удвоивме, но нашите странски ривали тоа го сторија четирикратно. Главниот проблем е што според италијанските правила фудбалот се смета само за игра, а не за индустрија,изјави директорот на Јувентус.

Од друга страна, критичарите на ваквите идеи, кои претежно доаѓаат од помалите клубови, тврдат дека ставовите за намалувањето на Серија А доаѓаат од челниците на големите клубови кои ги користат за да ја прикријат сопствената неспособност и ги потсетуваат на последниот случај кога Јувентус беше строго казнет за тешка финансиска измама…

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО