Вингегард „се надева“ дека ќе се опорави и ќе вози на Тур де Франс!

Победникот на Тур де Франс во минатите две години, Данецот Јонас Вингегард, вели дека се надева оти по повредата ќе успее да се врати во форма за да се обиде да триумфира, трета година по ред.

Годинашниот Тур почнува во италијанскиот град Фиренца, на 29 јуни. Вингегард (27) тешко се повреди за време на трка во северна Шпанија, при што имаше скршена клучна коска и неколку ребра.

– Се чувствувам добро и од ден на ден се подобрувам. Се надевам дека ќе бидам спремен за стартот на Тур де Франс, но не знам точно како ќе се одвива моето закрепнување и во каква форма ќе бидам, изјави Вингегард.

За Вингегард и за Погачар, се смета дека се за класа над сите други светски велосипедисти. Се очекуваше тие повторно да водат голема битка на тринеделната гран тур трка во текот на јули.

Но несреќата на Вингегард ги зголеми шансите на Погачар (победи на Тур во 2020 и 2021-та) да забележи историски подвиг, да победи на Џиро д’Италија и на Тур де Франс во иста година! Последен пат тоа му успеа на легендарниот италијански велосипедист, Марко Пантани во 1998 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО