Ќе стигне ли Баер Леверкузен до три трофеи, непоразен?

Баер Леверкузен продолжува да испишува историја. Тимот на Чаби Алонсо стави крај на доминацијата на Баерн Минхен во германскиот фудбал, триумфирајќи во Бундеслигата, за прв пат во клупската историја.

„Фармацевтите“ се на еден натпревар до првото европско финале, по повеќе од две децении, и се во неверојатна серија од 48 натпревари без пораз. Таа серија веќе е рекордна за тим од една од најголемите пет европски лиги, Бундеслигата, Премиер лигата, Лига 1, Ла лига и Серија А.

– Сакаме да останеме непоразени и знаеме дека секоја недела станува сè потешко. Сите сакаат да не победат, вели Алонсо.

Но, ако продолжи во ист стил на уште петте натпревари до крајот на сезоната, Баер ќе постигне веројатно едно од најголемите достигнувања во историјата на фудбалот, освојување тројна круна без пораз. На титулата во Бундеслигата би го додале Купот на Германија и Лига Европа (ЛЕ).

Вечерва, Баер во Леверкузен ја пречекува Рома, во реванш полуфиналето од ЛЕ. По победата во првиот натпревар со 2:0 во Италија минатата недела, тие се во одлична позиција да се пласираат во финалето.

Минатиот месец тимот на Алонсо ја продолжи рекордната серија откако ја мина границата од 44 натпревари без пораз, поставена од Јувентус во мај 2012 година. На 48-те меча без пораз во сите натпреварувања, Леверкузен победи на 40.

Тоа значи дека сега се на еден натпревар до надминување на серијата без пораз на Бенфика предводена од Еузебио во периодот од декември 1963 до февруари 1965 година.

Освојувањето било каков трофеј во сезона е неверојатно тешко достигнување за која било екипа, но да се направи тоа без пораз е нешто надреално. Селтик ја освои домашната тројна круна во 2016/17 година без загубен натпревар, но беа поразени во Лигата на шампиони (ЛШ) и беа елиминирани во групната фаза.

Ајакс беше непоразен во Ередивизие и во ЛШ во сезоната 1994/95, но имаше еден пораз во домашниот куп. Доколку Баер Леверкузен до крајот на сезоната не биде поразен, тогаш ова ќе биде кампања што долго ќе памети и ќе биде запишана во книгите на рекорди. Леверкузен последен пат претрпе пораз на 27 мај 2023 година.

Во другите европски врвни лиги, Арсенал беше непоразен на 49 првенствени натпревари, од мај 2003 до октомври 2004 година, претходно освојувајќи ја титулата во Премиер лигата без пораз!

Рекордот во „топ 5“ лигите го држи Милан предводен од Фабио Капело не загуби 58 последователни натпревари во Серија А, од мај 1991 година до март 1993 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО