Жоао Феликс некогаш беше сметан за едно од најголемите млади фудбалски таленти, откако блесна со дресот на Бенфика и со трансфер вреден над 100 милиони евра се пресели во Атлетико Мадрид. Сепак, не успеа да ги исполни големите очекувања – подоцна беше продаден на Челси, а потоа испраќан на позајмици во Барселона и Милан, без притоа да се наметне како трајно решение за ниту еден од тие клубови.
Поради ваквиот развој, Феликс реши да ја промени насоката во својата кариера и го избра Ал Наср како нова дестинација по разделбата со Челси. Иако се шпекулираше дека ќе се врати во Бенфика ова лето, 25-годишниот Португалец на крајот ја прифати понудата од Саудиска Арабија, каде ќе му се придружи на својот сонародник Кристијано Роналдо.
Ал Наср брзо постигна договор со Челси, плаќајќи отштета од 30 милиони евра, како и процент од евентуален иден трансфер што ќе оди во корист на англискиот клуб. Феликс ќе потпише договор на две години, со годишна плата од 13,5 милиони евра – сума што е повеќе од двојно повисока од тоа што му го понудила Бенфика.