Столе Димитриевски се наоѓа во фаза на очекување на нов ангажман и заминување од Валенсија, но целиот процес привремено е ставен во мирување откако македонскиот голман заработи непријатна повреда на рамото.
Инцидентот се случил за време на еден од последните тренинзи на шпанскиот клуб, при што Димитриевски почувствувал болка во левото рамо, поради што ќе биде принуден да направи пауза во наредниот период.
„Чуварот на мрежата, Столе Димитриевски, се здоби со повреда на левото рамо. Интернационалниот голман ќе продолжи со медицинска терапија, физикална нега и процес на опоравување додека не се приклучи повторно на тимот“, стои во краткото официјално соопштение од страна на Валенсија.
Во следните денови ќе стане појасно колку е сериозна повредата, особено ако се земе предвид дека македонската репрезентација на почетокот од септември ги продолжува натпреварите од квалификациите за Светското првенство 2026, а добро е познато колку значи Димитриевски како клучен дел од националниот состав.