Силекс денеска го обелодени ангажманот на уште едно ново засилување, потпишувајќи договор со Едис Бутуровиќ. Станува збор за играч кој пристигнува од Босна и Херцеговина, поранешен младински репрезентативец на оваа земја, кој последните две сезони ги мина во дресот на Игман.
Овој дефанзивец досега целата своја кариера ја градел во босанскохерцеговската лига, а преминот во Силекс ќе му биде прв ангажман надвор од матичната земја.
Со овој потег продолжува тенденцијата македонските прволигаши да се засилуваат со играчи од БиХ. Пред Бутуровиќ, тоа го направи и Амир Велиќ со потписот за Работнички, потоа Амер Дрљевиќ кој ќе настапува за Арсими заедно со својот сонародник Армин Бешагиќ, а нов член од БиХ летово доби и Македонија ЃП, која го доведе Мирсад Рамиќ.