Организаторите на грен слем турнирот на Ролан Гарос донесоа одлука да се забрани конзумирање алкохолни пијалоци на трибините откако еден навивач го плукна белгискиот тенисер, Дејвид Гофин во вторникот.
– Среќни сме што гледаме дека има атмосфера и емоции на трибините, но ќе бидеме бескомпромисни во однос на почитта кон играчите и во однос на почитта кон играта, изјави директорката на турнирот, Амели Морезмо.
Гофин кој го победи францускиот тенисер, Џовани Мпетси Перикар со 4:6, 6:4, 6:3, 6:7, 6:3 по 3,35 часа игра во 1. коло во Париз, по натпреварот беше многу лут поради однесувањето на публиката.
– Ме навредуваа три и пол часа, се отиде предалеку, беше целосно непочитување. Навистина е премногу. Тенисот станува фудбал, наскоро ќе има димни бомби, хулигани и тепачки на трибините.
Станува комично. Некои луѓе се таму за да направат проблеми, не да создаваат атмосфера, изјави 33-годишниот белгиски тенисер.
Раководството на вториот грен слем сезонава соопшти дека на навивачите сепак ќе им биде дозволено да пијат алкохол надвор од терените и на стадионот, но не ќе можат да седат со пијалоците на своите места на трибините.
Директорката на турнирот најави и дека ќе бидат засилени безбедносните мерки, а на судиите им беше порачано да бидат построги со публиката за време на натпреварите.
– Судиите ќе бидат уште построги при натамошното почитување на играчите и на играта. Ова е нешто што нема да го толерираме. Мислам дека некои навивачи претеруваат, обезбедувањето ќе се обиде да ги смири или ќе бидат испратени надвор – изјави Морезмо.
Таа додаде дека се обидуваат да го идентификуваат лицето кое го плукнало Гофин.
– Вчера се обидовме да собереме информации што се случило и што можеме да направиме. Не сакам да бидам негативна, јас сум оптимист. Навистина се надевам дека луѓето ќе реагираат на добар начин и дека се’ ќе биде во ред, рече таа.