Прогноза на „стручњакот“ Невил: Шпанија не може да го освои ЕП поради Кукурела?

Шпанија по четврти пат во историјата стана европски шампион. Во финалето на Европското првенство (ЕП) 2024 одиграно на Олимпискиот стадион во Берлин, Шпанците ја победија Англија со 2:1, со головите на Нико Вилијамс во 47 и на Микел Ојарзабал во 87 минута. Кол Палмер погоди за Англија во 73. минута.

Гери Невил (49), поранешниот англиски дефанзивец, играч играч на Манчестер јунајтед, и крајно неуспешен тренер (со Валенсија!), сега стручен тв- коментатор, неодамна изјави дека Шпанија не може да го освои ЕП поради левиот бек Марк Кукурела (25). „Мислам дека тој е една од причините зошто Шпанија веројатно нема да оди до крај“, прогнозираше Невил.

Но, како и повеќепати досега неговите проценки се покажаа погрешни. Избраниците на селекторот Луис де ла Фуенте турнирот го завршија со седум победи на исто толку натпревари.

Кукурела не играше само против Албанија во третото коло од групната фаза, кога Шпанија веќе имаше обезбедено пласман во осминафиналето и кога Де Ла Фуенте на терен испрати целосен мешан состав.

По финалето и триумфот на ЕП, Кукурела ја сподели изјавата на Невил на социјалните мрежи и му одговори: „Отидовме до крај, Гери. Благодарам за поддршката“.


Кукурела има одиграно 10 меча за шпанската репрезентација. Мина низ академијата на Барселона, беше на позајмица во Еибар и Хетафе, кои го купија во 2020 година за 11,8 милиони евра.

Брајтон една година подоцна им плати 18 милиони евра, а Челси во 2022 година  издвои 65,3 милиони евра за него. Трансфермарт вредноста на Кукурела на фудбалскиот пазар ја проценува на 25 милиони евра.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО