Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на француските Алпи им додели домаќинство на Зимските олимписки игри (ЗОИ) 2030 година. Тоа беше одлучено на 142. Генерално собрание, во пресрет на свеченото отворање на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, во петок.
Челниците на ИОК и ја дoделија организацијата на Франција, но под услов Владата и регионалните власти да дадат финансиска и организациска гаранција. Францускиот претседател, Емануел Макрон рече дека токму тоа ќе го побара од идниот премиер, објави новинската агенција АФП.
Предвидениот термин за одржување на ЗОИ 2030 е од 8 до 24 февруари, во четири зони: во Горна Савоја, Савоја, Бријансон и во Ница. Француските Алпи во текот на историјата трипати биле домаќини на ЗОИ. Тоа се случи во Шамони 1924, во Гренобл во 1968 и во Албервил 1992 година.
ИОК потврди дека домаќин на ЗОИ 2034 година ќе биде американската држава Јута, поконкретно Солт Лејк Сити, кој ги организираше Игрите во 2002 година.
Следните ЗОИ ќе се одржат во Италија, во Милано и во Кортина д’Ампецо, во текот на февруари 2026 година.