Почина селекторот на Аргентина, светскиот првак во 1978 година

Цезар Луис Меноти, селекторот на Аргентина, која во 1978 година триумфира на Светското првенство (СП) во фудбал, почина на 85-годишна возраст.

Меноти ја предводеше својата земја до првата светска титула, на домашен терен, победувајќи ја во финалето во Буенос Аирес, Холандија со 3:1 по продолженијата благодарение на двата гола на најдобриот играч на турнирот, Марио Кемпес.

– Аргентинската фудбалска асоцијација со жалење известува за смртта на Цезар Луис Меноти, поранешен селектор на светскиот шампион на Аргентина, се вели во соопштението на АФА.

Како играч, напаѓач, Меноти, играше заедно со Пеле за бразилскиот Сантос, а за репрезентацијата на Аргентина одигра 11натпревари. Потоа ја почна тренерската кариера која траеше 37 години, која вклучува освојување два трофеја во две сезони со Барселона, и периоди на работење во Италија, Мексико, Уругвај и Аргентина.

Тој ја презеде селекторската функција на Аргентина во 1974 година, но имаше контроверзи во 1978-та, откако одлучи да не го вклучи во тимот 17-годишниот Диего Марадона.

Но, следната година на СП за играчи до 20 години, со Марадона во тимот, Меноти ја предводеше Аргентина до титулата победувајќи го во финалето Советскиот Сојуз со 3:1.

Селекторска кариера на Меноту заврши по СП 1982 година во Шпанија каде што Аргентина беше елиминирана од Бразил со 1:3 во второто коло, по исклучување на Марадона.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО