Српските репрезентативци слетаа во Белград околу полноќ од Германија, каде што беа елиминирани од ЕП. Србија беше последна во групата со Англија, Данска и Словенија. На аеродромот „Никола Тесла“ ги пречекаа само новинари.
Најмногу ги интересираше селекторот Драган Стојковиќ Пикси затоа што околу него имаше најмногу полемики поради однесувањето, поради чудниte одлуки и наводното, големо незадоволство на клучните играчи.
Кога пристигна пред новинарите во Белград, прво го дочека прашањето за оставка. „Ајде следно прашање“, одговори Стојковиќ.
Потоа следеше прашање за вината за неуспехот. „Го чекавте неуспехот. Само напред, удирајте, плукајте, навредувајте. Чекавте, да не се лажеме. Негативните работи носат некакво интересирање. Според вас ние сме лоши, според мене не сме.
Јас сум најодговорен, јас ги носам одлуките. Сè што направив, го направив за доброто на тимот. Од тренинзи, подготовка на натпревари, до анализа на противникот, до се’ што е во описот на работата.
Смирете се со прашањата. Нема потреба да се прави сензација. Горд сум на момците, како ја претставуваа Србија. Не заборавајте, 90 проценти од луѓето во Србија веруваа дека ќе примиме пет-шест гола на Англичаните, заклучи Стојковиќ.
Вие создавате проблеми таму каде што ги нема. Ги разбирам медиумите, ова е идеална можност. Чекавте неуспех. Повелете, удирајте, плукајте, навредувајте… Сите го чекавте негативното, да не се лажеме.
Српските медиуми го потенцираат одговорот на Пикси на прашањето дали Србија доживеа дебакл на ЕП: „Дебакл е кога некој ќе те победи со 7:0, кога ќе се опијаниш во Аугсбург и во Минхен, кога се караш на тренинг… “.
Селекторот на Србија тогаш беше прашан дали некој во репрезентацијата направил такви испади. Пикси одговори: „Никој не го направи тоа, јас сум горда на момчињата поради тоа“.