По серијата тест натпревари со Швајцарија во Гевгелија, кошаркарската репрезентација на Македонија се врати во главниот град, каде што веднаш ги започна завршните подготовки за стартот на претквалификациите за Светското првенство. Првиот натпревар од групната фаза веќе е закажан и доби официјален термин.
На денот кога се слави Илинден, во Куманово ќе се одигра дуелот со селекцијата на Романија, со старт во 20:00 часот. Ова ќе биде само вторпат нашите кошаркари да се борат за пласман на големо натпреварување пред публиката во овој град, по настапот во 1999 година во рамки на квалификациите за Евробаскетот.
Репрезентацијата првпат ќе игра како домаќин на 2 август, токму против Романците, а потоа следи нов дуел на домашен терен – на 20 август, против селекцијата на Унгарија. Покрај овие, следуваат и две гостувања: на 9 август во Солнок, Унгарија, и на 13 август во романскиот град Орадеа.
Одлуката Куманово да биде домаќин е дел од стратегијата за проширување на кошаркарскиот пулс низ земјава. Федерацијата се надева дека салата ќе биде исполнета и дека поддршката од трибините ќе биде поттик за успешно минување на оваа квалификациска рунда.