Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, тврди дека клубот е финансиски стабилен и нема да ги продава најдобрите играчи во летниот преоден рок.
Иако имаше период кога резултатите беа под очекувањата, Барселона во последно време игра се подобро, се врати на второто место на табелата во Ла Лига, а притоа обезбеди пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите, и Лапорта смета дека екипата е добра и не се размислува ниту за продажба ниту за купување на играчи.
– Веруваме во тимот кој го имаме, не сакаме да потпишуваме со играчи кои би можеле да ни ја нарушат хармонијата. Не ни се потребни големи засилувања, не сметаме дека е неопходно да инвестираме во нови играчи бидејќи имаме балансиран тим. Не сакаме да продадеме ниту едно големо име. Ако се оди според планот, нема да бидеме приморани да продадеме ниту еден играч, изјави Лапорта кој додаде дека изминатиот период се одбиени доста понуди.
– Се наоѓаме во процес на економска стабилизација на клубот и навистина можам да го видам светлото на крајот од тунелот. Ги одбивме понудите за Балде, Фермин Лопез, Гави, Педри, Де Јонг, Араухо бидејќи не сакаме да ги продадеме иако би можеле од нив да заработиме милијарда евра. Мислам дека и Кансело и Жоао Феликс ќе останат во Барселона и следната сезона. Се надевам дека Манчестер сити и Атлетико Мадрид нема да прават проблеми бидејќи ќе се обидеме да договориме нови позајмици со откуп на договорите.