Кобајаши беше во воздух осум секунди и прелета 291 метар!

Јапонскиот ски-скокач, Роју Кобајаши постави неофицијален светски рекорд на импровизираната скокалница во Хлидарфјал, на Исланд прелетувајќи 291 метар, што е за 37,5 метри повеќе од официјалниот светски рекорд на Австриецот, Стефан Крафт од 253,5 метри.

Кобајаши ги помести границите со летовите од 256, 259 и 282 метри во двата дена од тест натпреварувањето, а во средата го постави рекордот од 291 метар! Тој бил осум секунди во воздух и достигнал најголема брзина од 107,5 км/час.

Според соопштението на Ред Бул, промоторот на настанот, специјалната скокалница целосно е изградена од снег. Врвот на леталиштето е на 1.115 метри, а летовите завршуваат 360 метри пониско, со косина од дури 36 степени.

Јапонецот во кариерата има забележано 32 победи на Светскиот куп (СК), двапати беше севкупен победник, има златен и сребрен медал од Олимписките игри (ОИ) 2022 година, а трипати беше најдобар и на Новогодишната турнеја „Четири скокалници“.

– Долго сонував за ваков скок, отсекогаш сум сакал да летам подалеку од сите други и сакам да ги поместувам границите подалеку, изјави Кобајаши по најдолгиот лет во историјата.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО