Македонскиот кик-боксер, Бобан Илиоски, в петок на специјалниот настан, „ВАКО Про Арена фајт најтс“, ќе се бори против Берк Дузенли од Турција за титулата светски шампион во К1, до 88,6 кгр.
– Прв пат Македонија организира ваков спектакл. Максимално сум мотивиран за победа. Долго време ја чекам борбата за да докажам дека сум најдобар. Психички и физички сум максимално подготвен.
Мојот противник има поголемо искуство и повеќе професионални борби. Станува збор за агресивен кик-боксер кој излегува речиси со отворен гард. Бидејќи и јас сакам таква борба, без тактизирање, очекувам „лавовска“ битка. Верувам дека публиката ќе биде задоволна, истакна Илиоски во денешното интервју за Спортско радио 90,3 ФМ.
Големиот спортски настан ќе се одржи в петок, на 26 април во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“ од 19 часот. Во ревијалниот дел ќе се појават и светскиот првак, Димитар Ѓоргиев, потоа Марија Димовска, Викторија Варадинова, Силвио Мировски, Максим Митровски и Нелсон Узеир.