Глишиќ и Омерагиќ оптимисти: Вардар против Работнички ќе атакува на три бода!

По победата над Струга ТЛ во минатото коло, Вардар засилено се подготвува за неделното градско дерби против Работнички. Дуелот на локалните ривали, конечно се враќа на националната арена во Скопје, каде што двата тима влегуваат со желба за освојување три бода.

Во денешното гостување во програмата на Спортското радио 90.3 фм, капитенот на „црвено-црните“, Дарко Глишиќ зборуваше за очекувањата од неделното дерби.

– Во првата полусезона Работнички беше многу подобар, но сега и кај нив се сменија некои работи. Ние одиме се’ подобро и подобро, и се надевам дека така ќе продолжиме и на дербито во недела. Фокусот е на трите бода. Респект секако има надвор од теренот, но на теренот сакаме да ги освоиме бодовите, вели Глишиќ.

Младиот голгетер на Вардар, Азер Омерагиќ, вели дека е убеден во квалитетите на тимот и дека до крајот на сезоната „црвено-црните“ ќе обезбедат место во Првата лига и во следната сезона.

– Враќањето на арената секако ќе биде предност. Ние ќе дадеме се’ од себе. Нашата предност ќе биде и тоа што „Западот“ ќе биде исполнет со наши навивачи кои ќе бидат  12-от играч. Нас не’ краси добрата игра и компактноста во одбраната, но против Работнички се надевам дека и нападот ќе „процвета“, истакна младиот голгетер.

Дуелот меѓу Работнички и Вардар, во рамките на 27. коло од домашниот шампионат ќе се игра в недела од 15 часот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО