Франција ја совлада Португалија во четвртфиналето на ЕП, на пенали со 5:3. Натпреварот заврши без голови во регуларните 90 минути, како и по половина час игра во продолжението.
Во полуфиналето Франција ќе игра со Шпанија, која во првото четвртфинале, во продолженијата беше подобра од Германија, 2:1. Мечот ќе се игра во Минхен, во вторник од 21 часот.
Французите ги погодија сите пет удари од белата точка, а трагичар беше Португалецот Жоао Феликс чиј удар заврши во стативата.
Францускиот селектор Дидие Дешам мораше да направи мали промени во тимот. Тој го замени суспендираниот Адриен Рабио со Едуардо Камавинга, а на местото на центарфорот Маркус Турам, го стави Рандал Коло Муани.
Не беше виден возбудлив и атрактивен фудбал, двата тима повеќе се фокусираа на тоа да не примат гол, отколку да го постигнат. Немаше големи шанси во првите 45 минути, се’ се сведуваше на удари од далечина и на нафрлени топки.
Стоперите на двете екипи беа одлични. Од едната страна Пепе и Рубен Диас, а од другата Вилијам Салиба и Дајот Упамекано.
Во вториот дел имаше нешто повеќе шанси, но немаше голови. Двете екипи пропуштија по две големи прилики, во периодот од 60. до 70. минута. Бруно Фернандеш и Витиња кај Португалија, но и Мајк Маињан бранеше брилијантно. Кај Франција, големи шанси пропуштија Рандал Коло Муани и Едуардо Камавинга.