По повеќе од две недели интензивни подготовки, машката кошаркарска сениорска репрезентација на Македонија е подготвена за нов предизвик во претквалификациите за Евробаскетот 2029.
Вечерва, со почеток од 18 часот во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал ќе ја пречекаат селекцијата на Република Ирска во натпревар од петтото коло во групата А. Македонија влегува во дуелот со максимален ефект од четири победи во исто толку натпревари, меѓу кои и триумфот во Даблин од 88-76 над Ирска.
Црвено-жолтите се апсолутни фаворити за победата која ги носи во следната фаза од квалификациите за ЕП 2029.
Селекторот Берокал е задоволен од сработеното во подготвителниот период и од начинот на кој репрезентативците го прифатиле неговиот систем на работа.
„Од ден во ден тимот е подобар, мораш да работиш за да се подобруваш. Тимот расте и покрај потребата често да менуваме. Го немавме истиот ростер, некој доаѓаше, некој си одеше, се менуваа Американците. Но, во последната седмица имав 15 играчи за работа, на кои сметам за натпреварот против Ирска и сакав да бидат добро подготвени. Среќен сум од она што го гледам од екипата. Играчите сакаат да играат, имаат желба и се држат до тактиката. Сакаме да го завршиме овој прозорец со добри натпревари и резултати“, истакна Берокал.
Шпанскиот стратег потенцира дека концентрацијата и максималниот пристап ќе бидат неопходни против секој противник.
„Мора да бидеме на 100 проценти против секој ривал, затоа што ако не го дадеш најдоброто, тоа може да те казни. Мора да се фокусираме на работите кои можеме да ги контролираме. Ако не можеш да контролираш нешто, тогаш мораш да се вложиш и да го дадеш најдоброто од себе. Ирска е различен тим од претходниот меч, има доста промени, многу нови играчи. Тоа може да биде и ризик, затоа што ќе играат растеретено, без притисок и ќе преземат ризик. Ние сме подготвени, сè е на нас. Мора да се покажеме во добро светло, да ја одиграме најдобрата кошарка“, порача Берокал.
Билетите за натпреварот се по цена од 200 денари.