Дали Фенербахче ќе ја напушти турската Суперлига? Ова прашање е актуелно од 17 март, по хаосот што се случи на гостувањето кај Трабзонспор кога домашните навивачи втрчаа на теренот и физички ги нападнаа гостинските играчи.
Тогаш настрадаа некои играчи на Фенер, но имаше и такви, како Брајт Осај-Самуел кои жестоко им возвратија на напаѓачите и станаа идоли на навивачите кои сакаат Фенербахче да ја напушти елитната турска лига.
За ова се зборува последните денови, а турските медиуми објавија дека конечната одлука ќе биде донесена денеска, на вонредното клупско собрание на кое се решава и за судбината на турскиот шампионат.
Додека се чека на одлуката на Фенербахче, реагираше и Трабзонспор, кои се лути што не се разговара и за играчите на Фенер кои физички ги нападнаа нивните навивачи. Додуша, тоа беше самоодбрана, но во Трабзон очигледно не мислат дека тоа е битно.
– Извештаите доставени од Турската фудбалска федерација (ТФФ) до Дисциплинската комисија се доказ дека исчезна стравот, притисокот и недостигот од срам, што е врв на неморалот. ТФФ го игнорира нападот врз нашите навивачи од двајца играчи на Фенербахче, што се случи пред милиони луѓе.
Тие играчи не ги пријави до Дисциплинската комисија за тој чин, туку за „учество во тепачка“, со што им обезбеди помала казна, истакнуваат, меѓу другото, од Трабзонспор.
Фенербахче е на втората позиција во Суперлигата по 30 натпревари, два бода помалку од водечкиот Галатасарај. Утре Фенер треба да и биде домаќин на Адана Демирспор.